ЛИНГВИСТИКА

Научна област Лингивстика

Научната област за јазикот (лингвистика) е формирано со самото основање на Институтот за старословенска култура во Прилеп, т.е. 1980 година. Главен предмет на истражување во рамките на дејноста е детално проучување од филолошко-лингвистички и палеографско-текстолошки аспект на ракописната и старопечатена оставина или на средновековната книжевна продукција, настаната на територијата на Македонија, во периодот од XIII до XIX век, како и проучувања од етимолошки аспект на документиран ономастички материјал. Тоа знaчи дека тука се опфатени за обработка сите литературни жанрови на македонското средновековно пишано богатство, кое според познатата тематска класификација на проф. Мошин се сведува на ракописи со световно-едукативен и научен карактер (речници, учебни помагала, лекарственици), ракописи со религиозно-морална содржина (евангелија, еухологиуми, зборници со поучителна содржина итн.). Примарната цел на целокупните научни истражувања на оваа научна област е: откривање, научен опис или филолошко-лингвистичка и палеографско-текстолошка анализа преку која се доаѓа до релевантни информации за провениенцијата на ракописот како и до нови податоци или афирмативни заклучоци за дијахронискиот континуитет и развојните етапи на македонскиот писмен и говорен јазик сé до неговото завршно оформување во литературен, стандардизиран јазик во општата група на јужнословенските литературни јазици, потоа евидентирање, регистрирање, каталогизација и систематска планска презентација на обработениот ракописен материјал преку негови монографски и критички изданија. Денес во научното подрачје за Лингвистика е вработено 1 лице: д-р Марија Чичева-Алексиќ, научен советник. 

Од 1980 година па до денес научната работа во Одделението се одвива преку работата врз следните проекти:

-Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија (1980-1988).

-Книжевно, културно-историско наследство на Македонија (1991-2003).

-Топонимите како споменици на културата 

-Писмени споменици за средновековната култура на Македонија (1989-2006).

-Ракописни и старопечатени книги во Прилеп и Прилепско, во периодот од 14-19 век (2009). 

-Средновековната книжевна продукција на манастирскиот комплекс Трескавец кај Прилеп (2009-2011).