Рута на св. Кирил и Методиј
1. Радожда
2. Калишта
3. Охрид
4. Св. Наум
5. Преспа
6. Битола
Рутата на светите Кирил и Методиј е првата културна рута на Советот на Европа во која членуваат институции од РС Македонија. Од 2023 година, како полноправни членки се прифатени Јавните научни установи Институт за старословенска култура – Прилеп и Институт за македонска литература, со што се отвори можноста за имплементација и промоција на Рутата на св. Кирил и Методиј во нашата земја. Учеството на нашата земја во рамките на оваа рута, несомнено, ќе придонесе за значајна туристичка, културна и научна промоција на кирилометодиевското наследство кое нераскинливо е вкоренето во почвата на Македонија.
Културните рути на Советот на Европа
Програмата на културните рути е започната од Советот на Европа (во рамките на Генералниот директорат за демократија) во 1987 година, со Декларацијата за Сантјаго де Компостела. Културните рути на Советот на Европа се замислени како покана за патување и откривање на богатото и разнолико културно наследство на Европа, а имаат за цел да ги спојат луѓето и различните локации преку мрежите на споделена историја и културно наследство. Културните рути ги расветлуваат и ги зацврстуваат принципите кои се во самото јадро на мисијата на Советот на Европа: човековите права, демократијата, владеењето на правото, културните различности и идентитетите, заедничките размени и збогатување, надминувајќи ги границите. Сертифицираните културни рути покриваат широк спектар на различни теми, од архитектура и пејзажи до религиските верувања, од гастрономија и нематеријално култино наследство до великаните на европската уметност, музика и литература. Сертификатот „Културна рута на Советот на Европа“ претставува гаранција за извонредност. Мрежите имплементираат иновативни активности и проекти кои се однесуваат на пет основни приоритети на акции:
– соработка во истражувањата и развојот;
– унапредување на меморијата, историјата и европското културно наследство;
– културни и едукативни размени за младите од Европа;
– современи културни и уметнички практики;
– културен туризам и одржлив културен развој.
Преку програмата за културни рути, Советот на Европа нуди модел за менаџмент на културата и туризмот. Редовно се организираат состаноци, курсови за обука, семинари и форуми, а имаат за цел да се поттикнат размената и развојот на заедничките иновативни стратегии кои ќе го поддржат културниот и економскиот развој, одржливиот туризам и граѓанскиот сектор во Европа.
Културните рути се сегмент од поширока мрежа која овозможува синергија помеѓу националните, регионалните и локалните власти со широк спектар на асоцијации и економски оператори.
Програмата е поддржана преку ефективната соработка со Европската Унија и водечките интернационални организации.
Во 2023 година, Советот на Европа има 47 земји членки, од кои 38 ја поддржуваат програмата на културните рути на Советот на Европа (Северна Македонија од 2022 година) и 47 сертифицирани културни рути на Советот на Европа кои покриваат различни теми од европската меморија, историја и наследство. Една од нив е и културната рута на Кирил и Методиј.
Контакт:
Совет на Европа
Генерален директорат за демократија
F-67075 Strasbourg
Проширен парцијален договор за културни рути – Совет на Европа
Европски институт за културни рути
Abbey of Neumünster 28 rue Münster
L=2160 Luxembourg
www.coe.int/route
Рута на св. Кирил и Методиј
Светите Кирил и Методиј
Симбол на фундаменталните вредности на европската цивилизација
Невозможно е да се дефинира наследството на светите Кирил и Методиј без да се истакне еден важен факт, а тоа е дека нивната мисија секогаш била и останува нераскинливо поврзана со прашањата за културата и идентитетот на Словените. Формирајќи се како личности во непосреден контакт со македонските Словени, коишто живееле во непосредната околина и во самиот Солун, светите браќа имале можност да го научат нивниот говорен јазик, што претставувало солидна основа врз која е поставена писменоста којашто ја создале. Нивните врски со словенските жители на Македонија станале уште посилни по назначувањето на Методиј за административен и воен намесник на областа на Брегалница, којашто денес е лоцирана во источниот дел на РС Македонија.
Прашања на идентитетот на Словените станале уште по актуелни со создавањето на словенската писменост, најмногу по заслуга на кнезот на Велика Моравија, Растислав (846-870), кој му се обратил на византискиот император Михаил III (840-867), да испрати искусни мисионери. Неговата цел била да добие поголема независност од соседната Источна Франкија, при тоа продолжувајќи да го шири христијанството во својата држава без партиципација на франкските мисионери. Солунските браќа Константин и Методиј биле избрани за оваа мисија чија цел била реформација и развиток на културниот и политичкиот идентитет на Словените, кој ќе биде различен од веќе цврто востановениот и зрел културен идентитет на Германците и Ромеите.
Самата суштина на наследството на свети Кирил и Методиј има првостепени и второстепени аспекти. Првостепените вклучуваат писмени варијанти на старословенскиот јазик и на глаголската и на кирилската азбука. Второстепените ресурси се состојат, главно, од текстови напишани на конкретен јазик, а кои се поврзани со наследството на Кирил и Методиј, но исто така и од многу археолошки и историски споменици ширум Централна, Јужна и Источна Европа кои датираат од периодот на мисијата на св. Кирил и Методиј и на нивните ученици. Одредени споменици сведочат за конкретни етапи од еволутивниот развој на идеи за св. Кирил и Методиј во културата на европските земји. Св. Кирил и Методиј одиграле клучна улога во ширење на христијанството и поставување на темелите на европската култура. Тие станале симболи на фундаменталните вредности на европската цивилизација како што се: човечкото достоинство, толеранцијата, демократијата, слободата на мислата, совеста, религијата и изразувањето, владеењето на правото и правата за објективно судење.
Од голема важност е ширењето на овие европските вредности за чие создавање несомнена заслуга имаат светите солунски браќа, а со нивното почитување како светци покровители на Европа, тие продолжуваат да се шират и денес.
Рутата на свети Кирил и Методиј придонесува за промовирање на концептот на модерниот европеизам, т.е. заедничко разбирање, културен дијалог и сплотеност на европскиот континент. Иако оставината на свети Кирил и Методиј е насочена околу јазикот и писменоста, сепак, таа има длабоко и трајно влијание на сите аспекти од културната историја и идентитетот на словенските народи. Впрочем, нивните сфаќања и заложби своето значење го задржале до денес, бидејќи сè уште се користат како аргумент во истакнувањето на словенскиот идентитет, издвојувајќи го од останатите културни и политички идентитети.
По стапките на светите Кирил и Методиј
Географски, мисијата на светите солунски браќа и нивната културна оставина покрива релативно широк дел од територијата на Европа.
Велика Моравија, државата каде што се одвивала најзначајната дејност на светите Кирил и Методиј, била главно распространета на територијата од Источна Моравија (денес во Република Чешка) и во Западна Словачка, каде што води првата гранка на Рутата на св. Кирил и Методиј.
Пространствата на Југоисточна Европа, односно териториите коишто денес им припаѓаат на Унгарија, Хрватска, Бугарија, Србија, Романија, Северна Македонија, Косово, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, Грција и Турција, се поврзуваат со континуитетот и ширењето на делото на св. Кирил и Методиј меѓу Словените од страна на нивните ученици, откако биле протерани од Велика Моравија. Животниот пат на св. Кирил и Методиј, пред и за времето на нивната мисија во Велика Моравија, исто така се протега низ регионите на Украина и Русија (на територијата на денешен Крим и историската Киевска Русија). За време на Хазарската мисија, на Крим во градот Херсон, тие ги откриле моштите на четвртиот папа – св. Климент Римски.
Југозападната гранка на рутата (Австрија, Баварија, Словенија и Италија) го симболизира патувањето на св.Константин-Кирил и Методиј кон Рим, преку кое тие постигнале признавање на Светата литургија на црковнословенски јазик од страна на папата Адријан II (867-872), во базиликата Санта Мариа Маџоре. Во оваа прилика тие на папата му ги донеле и моштите на св. Климент Римски, а гробот на св. Константин – Кирил е лоциран во Рим во базиликата на Св. Климент.
Рутата, исто така води и кон север, кон Полска и Источна Шлезија каде што учењето и литургијата на св. Кирил и Методиј се раширила од Велика Моравија, процес кој траел до крајот на единаесеттиот век.
Како резултат на ширењето на наследството на св. Кирил и Методиј од страна на нивните следбеници, денес култот на словенските светители е присутен во сите европски земји, а писменоста на кирилична азбука ги вклучува и Белорусија, Литванија и други земји кои се придружуваат на погореспоменатите.
Рутата на св. Кирил и Методиј во РС Македонија
Рутата на светите Кирил и Методиј е првата културна рута на Советот на Европа во која членуваат институции од РС Македонија. Од 2023 година, како полноправни членки се прифатени Јавните научни установи Институт за старословенска култура – Прилеп и Институт за македонска литература, со што се отвори можноста за имплементација и промоција на Рутата на св. Кирил и Методиј во нашата земја. Учеството на нашата земја во рамките на оваа рута, несомнено, ќе придонесе за значајна туристичка, културна и научна промоција на кирилометодиевското наследство кое нераскинливо е вкоренето во почвата на Македонија.
Во оваа почетна фаза од нејзиното развивање во нашата земја, рутата на светите Кирил и Методиј, во најголема мера, се преклопува со античкиот пат Виа Егнација од којшто одредени делници се сочувале до денес. Изготвените траси започнуваат од граничниот премин Ќафасан, во близина на селото Радожда. Минувајќи низ живописното Радожда, каде што кирилометодиевската традиција оставила печат преку претставата на ликот на св. Климент во пештерната црква Архангел Михаил, таа продолжува кон Калишта, каде што во црквата посветена на Раѓањето на Пресвета Богородица може да се видат портретите на св. Кирил Философ и св. Климент Охридски. Оттука, следната дестинација е градот Охрид кој нераскинливо е поврзан со духовното наследство на солунските браќа преку дејноста на нивниот ученик св. Климент. Посетувајќи го Плаошник, Богородица Перивлепта (позната и како Нов Св. Климент) и црквата Мал Св. Климент, може да се проследи дел од животот на св. Климент, но и потрагата по мирно почивалиште за неговите мошти кои биле повеќепати преместувани низ драматичните историски случувања. Од Охрид, патникот својот пат кон Преспа може да го продолжи преку два правци, едниот води преку планинскиот премин Буково, а другиот кон манастирот Св. Наум кој го изградил и каде што лежат моштите на чудотворецот св. Наум Охридски, уште еден од учениците и наследниците на традицијата на солунските рамноапостоли. Во непосредна близина на манастирот Св. Наум се наоѓа патниот правец што води кон Преспа преку живописните предели на националниот парк Галичица. Стигнувајќи во историската област на Преспа, посетителите можат да ги посетат црквите Св. Ѓорѓи во Курбиново и Сливничкиот манастир, каде што можат да ги видат претставите на св. Кирил и Методиј, но и на нивните ученици. Последната станица на античкиот пат во нашата земја е археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис, еден од најзначајните ранохристијански центри во Македонија и репрезент на традициите на коишто се надоврзале светите браќа и нивните ученици.
• Виа Егнација претставува значајна магистрала која го поврзувала римскиот империјален центар со Балканскиот Полуостров и Мала Азија во периодот на антиката. Оваа трговска сообраќајница постоела уште од праисторијата, позната како Кандависки пат, но карактер на вистинска магистрала добила во 130-тата година пред Христос, кога Македонија имала статус на Римска провинција. Со своите заслуги за изградбата, проконсулот на Македонија Гнеј Егнатиј ја заслужил бесмртноста на неговото име, по кое патот се нарекува до денес. Патот на Егнација преку Драч го поврзувал Балканот на запад со Виа Апиа, кој по Апенинскиот Полуостров водел кон Рим, а на исток се протегал сè до Бизант, денешен Истанбул.
Виа Егнација го стекнала своето големо воено, трговско и културно значење во времето на римскиот подем, но не го изгубила ниту во средниот век. Вообличен според римските стандарди за изградба на патишта, патот бил изграден од аморфни камења во различни димензии, измазнети од употреба, а на места се сочувале остатоци од порабување изведено со правилно подредени камени плочи со поголеми димензии. Дел од оригиналната делница, долг околу стотина метри, а широк два и половина, /опстанал/преостанал на возвишението западно од струшкото село Радожда, на западниот брег од Охридското Езеро. Во близина на последните куќи од селото Радожда патот се губи, но веројатно е дека продолжувал кон езерото, крај неговиот брег.







