Раѓање на Пресвета Богородица, Калишта
Изградбата и декорирањето на пештерната црква посветена на Раѓањето на Пресвета Богородица, не е временски определено, но најстариот сочуван фрескоживопис е датиран во 16 век.
Во првата половина на 17 век, бил насликан св. Кирил Солунски придружен од својот ученик св. Климент, во лунетата на северниот ѕид на црквата. Двајцата светители се претставени во литургиски облеки, како чинодејствуваат на Светата литургија.
Заедничката претстава на двајцата светители сведочи за взаемниот развој на нивниот култ, но и за нивната поврзаност со духовната традиција на Охридската диецеза.

