Црква Св. Богородица Перивлепта, Охрид
Црквата Богородица Перивлепта била изградена и живописана со средства на големиот хереријарх Прогон Згур, близок роднина на императорот Андроник II Палеолог и еден од најзначајните воени заповедници во Византискaта Империја од тој период. Градбата била завршена пред 1295/6 година, кога знаменитите сликари Михајло и Евтихиј го осликале нејзиниот ентериер, оставајќи ги своите потписи на ова ремек дело.
По рушењето на Светиклиментовата црква на Плаошник и конвертирањето во џамија на Св. Софија – катедралата на охридските поглавари, црквата Богородица Перивлепта станала новиот соборен храм на архиепископијата. Станувајќи почивалиште на Светиклиментовите мошти, храмот добил и нова посвета по охридскиот светител, нарекувајќи се Нов Св. Климент. Во 19 век, моштите што биле погребани во нартексот на црквата преместени се во раскошно декорираниот саркофаг кој стои од десната страна до иконостасот. Тој останал нивно почивалиште сè до возобновувањето на црквата посветена на св. Пантелејмон и на св. Климент на Плаошник, кога се вратени на нивната првобитна локација.
Во рамките на сликаниот ансамбл во наосот на црквата, дело на Михајло и Евтихиј, за ликот на св. Климент било определено впечатливо место во првата зона на северниот ѕид. Светителот е придружен од св. Константин Кавасила – охридски архиепископ кој наскоро по неговата смрт, во 1259 година, бил канонизиран за светител. Ликот на св. Климент бил насликан уште еднаш во 1364/5 година, како дел од ктиторската композиција лоцирана во северното крило на надворешната припрата.

