Во насока на унапредување на меѓународната соработка, претставници на Јавната научна установа Институт за старословенска култура – Прилеп, присуствуваа на работна средба каде што овозможија членство на институтот во „Културната рута на Кирил и Методиј“, проект финансиран од Советот на Европа и Европската комисија.

ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп и ЈНУ Институт за Македонска литература – Скопје, се првите институции од Р.С. Македонија кои што учествуваа на овој состанок и ќе бидат носители на презентацијата на фундусот на споменици поврзани со делувањето на светите браќа Кирил и Методиј, на територијата на Р. С. Македонија.
Културната рута св. Кирил и Методиј на Советот на Европа се надоврзува на илјадагодишната културна традиција, поврзана особено со културата на словенските народи, која е трајна поддршка и инспирација за нејзината безвременска димензија создадена од морално силни и образовани личности, Свети Кирил и Методиј и нивните ученици. Ова е првата рута која се фокусира на словенското културно наследство призната од Советот на Европа и првата сертифицирана рута со потекло и со седиште во Чешката Република.
Овај проект се фокусира на постоечки локалитети и дестинации кои се поврзани со кирил-методиевото наследство.
Во овој проект членуваат 24 членови од 8 земји (Чешка, Словачка, Унгарија, Бугарија, Грција,Словенија, Хрватска и Италија) и бара повеќе членови и партнери, особено во Централна, Југозападна и Југоисточна Европа.Главните цели на оваа културна рута се: создавање на мрежа на членови и партнери, организација на настани од типот на стручни конференции, состаноци, патувачки изложби, работилници,создавање и промовирање на база на податоци на културно наследство на св. Кирил и Методиј.