На 21 октомври 2026 год., во Салата за седници на Општина Прилеп, се одржа стручна трибина во форма на тркалезна маса на тема „Македонската ослободителна мисла (1893‒1991)“, во организација на Општина Прилеп и ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп.

Трибината ги проследи главните правци и континуитетот на македонската ослободителна борба: од основањето на Македонската револуционерна организација (МРО) во 1893 година, преку Илинденското востание, Балканските војни, меѓувоениот период и Народноослободителната војна, сè до АСНОМ и прогласувањето на независноста во 1991 година. Посебно внимание ѝ беше посветено на улогата на Прилеп и Прилепско во револуционерниот, општествениот и просветно-културниот живот на Македонија.

Настанот се одвиваше во четири тематски хронолошко-проблематски блокови, збогатени со проекции и читање на кратки примарни историски извори. Модератор беше д-р Александар Василески, директор на Институтот за старословенска култура – Прилеп, а свои излагања имаа:

проф. д-р Лилјана Гушевска (Институт за национална историја – Скопје): за јазичното прашање и неговото значење во градењето на македонската национална свест;

проф. д-р Наташа Котлар-Трајкова (Институт за национална историја – Скопје): за основањето на МРО, нејзините програмски определби и внатрешната структура;

проф. д-р Славчо Ковилоски (Институт за македонска литература / Здружение на историчари – Прилеп): за Илинденското востание низ сведоштвата на учесниците од Прилепско и за поделбата во 1912/13 година;

проф. д-р Ленина Жила, експерт за меѓународни односи во XX век: за пројавите на македонската национална свест во меѓувоениот период.

Им благодариме на говорниците и на сите присутни што со своето присуство го збогатија настанот.