Св. Никола Летен-Св. Талалеј во с. Крстец

Св. Никола Летен/Св. Талалеј во с. Крстец, Прилепско

Категорија: Нематеријално значајно културно наследство

Статус: Решение за заштитено значајно културно наследство Бр. УП1 10-1264/2011 од 29.12.2016 г.

Година на изработка: 2011

Главен истражувач: д-р Ели Луческа

Опис на културното добро: Празнувањето на селската слава Св. Никола летен/Св. Талалеј во с. Крстец, Прилепско се одржува во селото Крстец оддалечено 12 км од градот Прилеп, во подножјето на планината Козјак, на 2 јуни секоја календарска година од страна на домашните жители на селото кои заедно со иселените жители ја обновуваат заедницата. Св. Никола летен/Св. Талалеј во с. Крстец, Прилепско некои извори го датираат над 200 години, а заради непостоење на пишани извори не може со прецизност да се утврди неговата старост, но според усните преданија празнувањето на празникот започнало со изградбата на селската црква Св. Никола кон крајот на XVIII, односно почетокот на XIX век. Обредот е комплекс од повеќе манифестации, како: црковни богослужби, поворка „Крсти“ од верници и свештени лица, „вртење“ обреден леб – погача и обреден ручек. Вклучени се и традиционалните сигнални музички инструменти – клепало, а завршува со народен собор традиционални ора.