Водичарките од с. Беранци, Битолско
Категорија: Нематеријално културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.
Статус: Решение за заштитено културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење Бр. 45-4179/1 од 16 јули 2019 г.
Година на изработка: 2011
Главен истражувач: д-р Ели Луческа
Водичарките се женска обредна поворка составена од непарен број на млади девојки, најчесто седум или девет, која ја предводи главната водичарка т.н. челник, вообичаено највозрасната девојка во групата. Нив ги придржуваат и две млади момчиња, чија улога е да ги бранат од кучињата и да ги носат даровите кои домаќините им ги даваат на Водичарките. Тие се главни носители на празнувањето на Водици во селото Беранци. Облечени во празнична традиционална носија, со икони во рацете предводени од локалниот свештеник, три пати ја обиколуваат црквата пеејќи обредни песни, а по фрлањето на крстот во водата ги обиколуваат сите домаќинства пеејќи водичарски песни посветени на пооделните членови на семејството, во зависност од желбата на домаќините, на пример за домаќинот, домаќинката, свекорот, свекрвата, момата, беќарот, малото дете, покојникот и сл. Домаќините ги даруваат со разни намирници, претежно овошје – јаболка, костени, ореви и пари. Со парите купуваат вино и икони кои ги даруваат на манастирот и црквите во селото, а виното се свети од страна на свештеникот на праникот Цветници, кој го нарекуваат Винопиец.
Презентација: Проект „Водичарките од с. Беранци, Битолско“ (2014 г.): 1. Аудио ЦД „Водичарски песни од с. Беранци“; 2. Етнодокументарен филм „Добре ми дојде свети Јоване“; 3. Рекламни спотови; 4. Набавени опици и 5. Сценска адаптација на обичајот.