Џоломарите од с. Бегниште, Кавадаречко

Џоломарите од с. Бегниште, Кавадаречко

Категорија: Нематеријално културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење.

Статус: Решение за заштитено културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење Бр. 45-4203/1 од 16 јули 2019 г.

Година на изработка: 2011

Главен истражувач: д-р Ели Луческа

Опис на културното добро: Секоја година на 14 јануари на празникот Василица, познат и како Стара Нова година, кој е составен дел од т.н. некрстени денови, во с. Бегниште се изведуваат обичајни дејствија, чија основна карактеристика е маскирањето и игрите со маски. Носители и организатори се исклучиво машките членови од селската заедница познати под локалниот назив Џоломари и се најчесто 15 на број. Задолжителни учесници освен нив се и двајца мажи маскирани во невести и еден во баба т.н. старица. Од секоја куќа на сред село ги собира предводникот, кој го води и џоломарското оро и воопшто прв ја започнува своевидната драмска игра. Тие треба да бидат што е можно пострашни и побучни за да ги избркаат лошите духови од селото и да обезбедат мирен, здрав и бериќетен опстанок на заедницата во текот на целата година. Самиот чин започнува околу василичарскиот оган со „мрсните песни“ и играњето на специфичното џоломарско оро пришто џоломарите се држат за рамениците и скокаат во круг забрзувајќи го ритамот. Доминантниот звук на ѕвонците и клопотарците е придружен и со повремени силни извици на џоломарите. Џоломарите ги обиколуваат куќите каде исто со врева ги бркаат лошите духови од домаќините играјќи го орото, подудирајќи ги со стаповите, но и удирајќи по земјата што претставува своевиден фалусен чин на оплодување како на луѓето, така и на земјата-хранителка. За тоа добиваат дар – баница, брашно, костени, ореви, јаболка, суви пиперки, низа кромид, вино и ракија, а и по некоја паричка. Притоа невестата задолжително му целива рака на домаќинот или домаќинката. Даровите ги ставаат во дисаѓите кои ги носи накитеното магаре со зеленило, суви пиперки, а понекогаш и кукли „за да се раѓаат деца.“