Обичајот „Kули“, Mакедонски Брод
Категорија: Нематеријално културно наследство од особено, поткатегорија исклучително значење.
Статус: Решение за заштитено културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење Бр. 45-4205/1 од 16 јули 2019 г.
Година на изработка: 2011
Главен истражувач: д-р Владимир Караџоски
Соработници: д-р Ели Луческа, вон. проф. д-р Јоана Ренкас и м-р Горан Василески.
Опис на културното добро: На вториот ден на големиот христијански празник Велигден, традиционално, во градот се изведува обичајот „Кули“. Пред да се започне со правењето на „Кулите“, учесниците во обичајот, откако ќе побараат благослов во црквата, (без разлика дали ќе земат активно учество при правењето на „Кулите“) треба да поминат под шпалир од раце поврзани со марами-шамии направен од девојчиња облечени во народна носија. Во оваа игра наречена „Кален броj, мален броj“ учествуваат млади жени и девоjки. Преку неа симболично се прикажува вечната обнова на животот. Откако момчиња ќе поминат под шпалирот, девојките ги удираат по грбот и им пеат песни во кои доаѓаат до израз најскриените желби и надежи за благосостојба, среќа и љубов, за охрабрување, за да можат да истраат на патот кој ги очекува. Потоа најхрабрите момчиња одат пред портата на црквата и почнуваат да ги прават „Кулите“. „Кулите“ се состојат од два реда на луѓе, а во секој ред има по петмина. Пет момчиња клекнуваат на колена и, вкрстувајќи ги рацете, се фаќаат рамо за рамо, формирајќи го долниот прв ред на „Кулата“. Врз нивните рамена се качуваат уште пет други момчиња (соблечени боси, без обувки), кои исто така се држат рамо за рамо, a кои го формираат горниот дел на Кулата. На растојание од неколку метри се прави втората „Кула“, а во непосредна близина, третата, четвртата, и на крајот петтата „Кула“, како симбол на петвековното османлиско ропство. Долниот ред на кулата ги симболизираат Османлиите, а петмината во горниот ред го симболизираат македонскиот народ. Чекор по чекор, метар по метар, полека но сигурно „Кулите“ го поминуваат патот кој започнува од пред црквата Св. Богородица па води преку една голема нагорнина и истиот завршува на околу 500 метри над црквата, на просторот каде некогаш се наогал центарот (или средсело) на поранешната селска населба. При овој напорен пат, овие храбри и пред се издржливи млади момчиња се следени од звуците на надалеку прочуениот македонски инструмент – гајдата. Кога ќе пристигнат на платото, на самиот врв од ридчето, застануваат, потоа почнуваат да се вртат во круг и заигруваат оро. Во средината на орото влегува гајдаџијата. Орото го играат од лево на десно, притоа секој од долниот ред прави три чекори напред, еден назад и ја крева ногата. Се вртат три пати во круг и потоа полека „Кулата“ се растура. Додека се игра орото цело време се пеат македонски народни и патриотски песни. По завршувањето на играњето на орото учесниците од секоја „Кула“ за нивниот труд, за нивната храброст и за успешното искачување од присутните луѓе се наградени со ракоплескање.
Презентација: За поттикнување на пренесувањето на обичајот „Кули“ во неговата изворна форма беше потребна поголема афирмација преку презентирање на документарни материјали, филмови и емисии кои ќе ја доловат атмосферата на Велигденските празнувања и изведувањето на обичајот „Кули“ во Македонски брод. За таа цел во 2015 година беа направени дополнителни теренски истражувања. Од собраниот евидентиран материјал беше подготвен видео запис; етно – документарен филм во траење од 23 минути, и беа изработени флаери на македонски и на англиски јазик. Покрај д-р Владимир Караџоски како главен истражувач, во работата учество зедоа и д-р Ели Луческа, вон. проф. д-р Јоана Ренкас, м-р Горан Василески, како и Фан продукција од Прилеп.