Народни везови од општина Кривогаштани
Категорија: Нематеријално значајно културно наследство
Статус: Не е донесено Решение
Година на изработка: 2015
Главен истражувач: д-р Ели Луческа
Соработници: м-р Горан Василески и Анита Ѓоргоска
Опис на културното добро: Во селата во општина Кривогаштани се везело главно на домашно ткаено памучно платно, некогаш и ленено и конопно. Конците за везење се приготвувале од обработена волна со најдолги влакна, бојадисана во разни бои кои им биле потребни при везењето. Се сукале само со раце, без никакви технички помагала и се удвојувале исто така рачно. Во постаро време се користеле и срмени конци, но исклучиво за свечените моменти. Везовите се правеле со помош на иглата везарка, вештите раце на везилката и големиот број на техники за везење, како што се: Трашец (Шарен Трашец), Травци Одеднаш, Наклавано, Лозено, Лозено со нарески, Полнеж, Грабено, Сокаечко, Писано или пишувано, Сусме, Рибина коска и Синџиречки раб. Покрај овие техники на везење, постојат и везови кои претставуваат украсен дел. Такви биле: шапче, три шапки, крвчина, полојнче, ваѓано, ливчина, пилина, кривулина и др. За убавината и ефикасноста на народните везови од посебно значење била и техничката изведба на везилката. Бројните везбени техники и нивните регионални називи, со право можат да се оценат како посебен и значаен сегмент од нашето традиционално културно богатство.
Презентација: Етнолошка изложба „Спомени за навек“, 4 декември 2015, општина Кривогаштани, автори: д-р Ели Луческа, д-р Мери Стојанова.