„Курбан“ с. Витолиште, Мариово, Општина Прилеп

„Курбан“ с. Витолиште, Мариово, Општина Прилеп

Категорија: Нематеријално значајно културно наследство

Статус: Не е донесено Решение

Година на изработка: 2013

Главен истражувач: д-р Владимир Караџоски

Опис на културното добро: Во чест на празникот Илинден во селото Витолиште, прилепско Мариово се извршува еден интересен обичај наречен „Курбан“.Обичајот „Курбан„ односно жртвопринесувањето на волот, во село Витолиште, како еден од најраширените обреди што се практикува меѓу Македонците, според нашите информатори се изведува на празникот Илинден, а неговите почетоци датираaт  од пред 200 години.

Обичајот започнува рано наутро, по правило пред изгрејсонце, кога волот кој е предвиден за жртвопринесување се носи на гробиштата во селото и се врзува и коли на строго определено место за тоа, метална шипка со алка. Обредното колење на волот го изведува за таа работа специјално најмен човек од селото, кој ја познава оваа работа и кој тоа колење го прави неколку години по ред.  Нему му помагаат и членовите на црковниот одбор. Целокупното изведување на обредот, како и подготвување на обредното јадење е исклучиво машка работа. Во овој процес на подготовка на обредното јадење, учествуваат поголем број на членови на црковниот одбор, како и роднини на домаќинот на „Курбанот“, а со целокупната работа раководи  главниот кувар. Процесот на подготовка и варење на обредното јадење  се одвива во специјално наменети  тенџериња- казани, а кои треба да бидат девет на број. Саматa подготовка на намирниците, па потоа и подготвувањето на обредното јадењето траат се до попладневнте часови.

Паралено со одвивањето на оваа работа во селото Витолиште,  во непосредна близина на селото во манастирот св. Илија, жителите од ова село, како и жителите од останите села во прилепско Мариово  започнуваат да доаѓаат во црквата  каде присуствуваат на свечената утринска литургија посветена на празникот и светецот Илија. На оваа утринска богослужба-литургија задолжително присуствува и семејството на домаќинот на „Курбанот“ во селото Витолиште. Тие за оваа утринска богослужба подготвуваат пченица, колак и пет поскури, во Мариово ги викаат булина.

Откако ќе заврши утринската служба во кругот на црквата се крштава вода,  се врти погача со што се одредува кој ќе биде  домаќин, и кој ќе го даде курбанот и ручекот во манастирот „Св.Илија“во наредната година.  Во кругот на манастирот започнува општонародна веселба и панаѓур.                                                                                   

По завршувањето на веселбата некаде во раните попладневни часови,  жителите од Витолиште, заедно со гости присутни во Манастирот,  од другите во близина населени места или од градовите се упатуваат кон Витолиште. Најпрво одат во црквата посветена на Свети Илија, а потоа одат да ги посетат гробовите на своите починати предци.  Од тука се упатуваат во трпезаријата  каде  присуствуваат на ручекот. Треба да се напомне дека во периодот  од пред неколку години кога не биле изградени трпезаријата и кујната,  спремањето на обредното јадење се правело на почетокот-односно на самиот влез на гробиштата, а додека присутните обредниот ручек го јаделе на гробовите. Затоа и некој од информаторите за курбанот мислат дека претставува „ раздавање за душа на починатите “.  Знак дека курбанот-обредното јадење е подготвено за делење на присутните е удирањето на питропот во дрвеното клепало кое се наоѓа во дворот на селската црквата посветена на св. Илија. Пред почетокот на обредниот ручек тој се благословува од страна на присутниот свештеник, се пее погачата и пченицата, која откако ќе биде скршена помеѓу свештеникот и домаќинот се дели на сите присутни на овој ручек.  Питропот на црквата со иконите на св. Илија собира прилог за црквата, а членови на црковниот одбор, заедно со останатите организатори делат од ручекот на сите присутни гости. Со тоа завршува чествувањето по повод празникот Илинден и секако колењето на „Курбанот“ во селото Витолиште.