„Дуовден “ во Црешнево-Белица, општина Македонски Брод
Категорија: Нематеријално значајно културно наследство
Статус: Не е донесено Решение
Година на изработка: 2011
Главен истражувач: д-р Владимир Караџоски
Соработници: д-р Ели Луческа, вон. проф. д-р Јоана Ренкас
Опис на културното добро: Селата Црешнево и Белица се наоѓаат во Општина Македонски Брод, на патот кој води од Македонски Брод кон вештачкото езеро Козјак и понатаму кон Скопје. Местото каде што се одвива прославата на вториот ден на Дуовден, односно манастирот св. Троица се наоѓа помеѓу атарите на селата Црешнево и Белица во местото викано„Старокуќи“ на падините на планината Даутица. Овај храм е граден врз темелите на стар храм кој датира од подамнешно време. Според кажувањата на испитаниците на ова место пред доаѓањето на Турците постоело население кое живеело во градот кој се викал Филиџе. За тоа сведочат и остатоците од стари темели и ѕидови кои се наоѓаат до манастирот.
Собирањето на ова место кај манастирот св. Троица започнува во претпладневните часови, а главната црковна церемонија се одвива на пладне. По завршувањето на црковната церемонија во црковниот храм од страна на свештеникот Боге, кој својата служба на овие простори ја обавува од 1966 година, се пристапува кон крштевањето на водата. Од оваа вода присутните полнат во шишиња и истата ја чуваат до наредната година.
Пред манастирот поставени се маси на кои покрај водата која се осветува и од која подоцна учесниците и сите присутни земаат за здравје, присутна е и пченицата, шекерчиња, и секако обредните лебови–погачите, кои се донесени од страна на домаќините. Обредните лебови скоро секогаш се со одредени шари и тие не се случајно направени. Главна карактеристика на овие обредни лебови е изобилство со зооморфни и антропоморфни форми како поединечни групни претстави. Обредниот леб претставува симбол на животот, плодноста, здравјето, благосостојбата, а со самото тоа и еден од назначајните реликти во традиционалната култура на Македонците. Пред да се седне на трпезата и да се почне со ручекот, се врши лицитација на различни предмети кои од страна на присутните се подарени на манастирот.
По благослувањето на трпезатата од страна на свештеникот Боге се пристапува кон јадење. На чело на трпезата седи свештеникот со домаќините, а од страните покрај самата трпеза, на посланите диплина долу според традицијата во овој крај седат само жените. Како основно традиционално јадење се сервира јагнешко месо со ориз, но денеска се присутни и други видови на готвени јадења.
По завршувањето на ручекот се започнува со општонародна веселба, музиката свири, се играат ора и тоа трае до касните попладневни часови.