Име на проектот: Византиските монашки центри во РС Македонија – традиција и континуитет
Финансиран од: Министерството за образование и наука на РС Македонија
Период на реализација: август 2025 – октомври 2026
Главен истражувач: д-р Александар Василески, виш научен соработник
Научноистражувачки тим: д-р Бранислав Ристески; д-р Ели Луческа; д-р Орданче Петров; д-р Христијан Талевски; д-р Атанас Атанасоски; д-р Душко Цветанов; Паско Кузман; д-р Марија Чичева Алексиќ; д-р Иван Заров; м-р Ивона Панџак Пинева; м-р Горан Василески; м-р Катерина Росикопулос; м-р Христијан Петровски; истражувачи од странство: д-р Марија Алесија Роси; Ник Ангелоф.
Научноистражувачкиот проект Византиските монашки центри во РС Македонија : традиција и континуитет, претставува мултидисциплинарен проект чија цел е да го проследи карактеристичните манифестации на материјалната и духовна култура поврзани со конкретен топос. Согледувајќи ја богатата стратиграфија на културните напластувања на тлото на Македонија, а со цел да се проследи континуитетот и еволуцијата на културните процеси, поставени се широки хронолошки рамки за нивното согледување – од антиката па се до времето на перодбата. Главниот акцент во проучувањето на манастирските центри ќе биде поставен на комплексните еволутивни процеси на културата, кои јасно можат да се согледаат преку селектираните манастирски центри, како главни носители на културата во средновековието. Со истражувањата предвидено е да бидат опфатени манастирите: Св. Пантелејмон / Св. Климент – Плаошник; Успение на Пресвета Богородица – Трескавец; Св. Никола, с. Манастир – Мариово; Св. Преображение – Зрзе; и Св. Димитрија – Чебрен. Примарен критериум за селекција на наведените монашки центри е нивната позиционираност на локации каде се бележи човечкото присуство од времето на антиката, преку ранохристијанскиот и средновековниот период, па до денес. Воедно, сликарските дела кои се наоѓаат на ѕидовите на манастирските цркви, како и иконите, претставуваат неодминливо поглавје во антологијата на византиската уметност. Имајќи предвид дека овие манастири биле најзначајните духовни, културни и уметнички жаришта во средновековието, очекувано е нивното значајно место во народната традиција, како во минатото така и денес.
Според досегашните сознанија манастирот на Плаошник, чиј основач е св. Климент Охридски, датира од крајот на 9 век, а манастирската црква е поставена во самата внатрешност на ранохристијанска базилика. Покрај оваа базилика, во непосредната близина се откриени остатоци од уште ранохристијански цркви. Сепак, иако своето најголемо значење овој локалитет го добил во времето на доцната антика, под културниот хоризонт од периодот од 4 до 6 век, откриени се остатоци од градби и погребувања кои датираат од железното време, архајскиот и класичниот период, македонско-хелинистичкиот период и од времето на римското владеење со Македонија. Со формирањето на манастироскиот комплекс на ова место од страна на св. Климент тој прераснал во еден од најзначајните духовни центри на Балканот, а манастирската црква до крајот на 14 век претрпела бројни доградби и измени, како од архитектонски, така и од уметнички аспект. Воедно, треба да се нагласи дека во овој период Плаошник имал улога на значаен книжевен и образовен центар. Во 15 век манастирот бил разрушен од отоманските власти и на местото на манастирската црква била подигната џамија, со што започнала нова етапа од егзистирањето на овој значаен простор. Со обновата на црквата на Плаошник на почетокот на 21 век е направен обид за повторно надоврзување на средновековните традиции, но во науката постојат дилеми околу следењето на оригиналните решенија кај реконструираната црква.
Слична е состојбата и со останатите манастири кои ќе бидат предмет на истражување. Манастирот Трескавец е подигнат на просторот на античката населба Колобаиса, која била особено активна во периодот на македонско-хелинистичкиот период, но и во времето на римската власт како и во доцната антика. Како и црквата на Плаошник, католиконот на Трескавец бил подигнат врз остатоците од ранохристијанска базилика, веројатно во 12 век. Од подигањето на манстирската црква, па се до денес речиси континуирано биле вршени интервенции врз градбата и живописот, црквата била украсувана со иконописни дела, а трескавечкиот скрипториум создавал богослужбена литература.
И манастирот Зрзе се наоѓа врз локалитет за кој постојат индиции дека бил активен уште од хелинистичкиот период, а во непосредна близина се откриени остатоци од базилика која датира од 5 век од н.е. Монашкиот живот првобитно се одвивал во ќелиите во бигорната карпа, кои датираат од времето од 10 до крајот на 13 век, а од 14 век со изградбата на манастирската црква главните функционални елементи се лоцирале врз горното плато. Католиконот на манастирот Зрзе бил прошируван, живописуван и изменуван во периодот од средината на 14 до крајот на 19 век, а според неколку сочувани ракописи со записи во кои е споменат зрзевскиот манастир, несомнено, и во него се одвивала препишувачка дејност.
Остатоци од антички градби и од доцноантичкиот период се откриени и во непосредната близина на црквата на Св. Никола во с. Манастир Мариово се наоѓа локалитет од римско време, а во самата манастирска црква се вградени елементи од античка мермерна пластика. Првобитната манастирска црква била изградена во 1095 година, од протостаторот Алексеј Комнен, а врз неа во 1266 година била подигната денешната црква со базиликална форма. Во текот на следните столетија манастирот продолжил да егзистира, но во 18 век црквата претрпела оштетувања, а во 19 век била обновена и повторно живописана.
Манастирот Чебрен се наоѓа на простор на кој во римскиот, доцноантичкиот и средновековниот период егзистирала населба, позната како Чемрен, која по потпаѓањето на Македонија под османлиска власт се свела на денешниот манастирски комплекс. На локалитетот како случајни наоди се регистрирани и монети на македонските кралеви. Остатоците од камена пластика на овој простор укажуваат на постоење на ранохристијанска базилика во неспоредна близина на манастирот. Градбата на црквата Св. Димитрија датира од средновековниот период, а денешниот живопис датира од 16 век.
Покрај наведените монашки центри со научноистражувачките активности ќе бидат опфатени уште пет споменици: Св. Пантелејмон – Нерези; Св. Ѓорѓи – Курбиново; Пресвета Богородица Елеуса – Вељуса; Св. Ѓорѓи – Старо Нагоричино и Св. Никола – Моклиште. Поголемиот дел од сакралните објекти во втората група се одликуваат со архитектонски и сликарски квалитети кои ги вклучуваат во ризницата на светското средновековно наследство, а во нивната поблиска околина се регистрирани остатоци од предисториски и антички градби. Сепак, со оглед на тоа што до денес не е извесно дали може да се воспостави некаква врска меѓу овие објекти и постарите слоеви, а воедно кај некои (како на пр. Курбиново) не е познато дали оригинално имале функција на манастирски католикон, во рамките на оваа фаза од истражувањата тие ќе бидат од второстепено значење.
Иако дел од историските и културните аспекти на овие споменици биле предмет на научен интерес, проблематскиот пристап и мултидисциплинарната методологија која е дефинирана во овој предлог-проект, го издвојува од сите досегашни истражувања. Имено, преку продлбочените истражувања од аспект на археологијата, историјата на ументоста, историјата на јазикот и етнологијата кои ќе се спроведат во рамките на овој проект ќе се создаде поцеловита слика за социјалните, економските, градителските, уметничките и духовните процеси кои се одвивале на овие значајни пунктови во период повеќе од два милениуми. При тоа со истражувачките активности не само што ќе се добијат сознанија за посебните фази од егзистенцијата на манастирските центри, туку, воедно ќе се стекне стекне општа слика за цивилизациските процеси кои се одвивале на пошироката географска територија на Македонија, како и во Балкански и источномедитерански контекст.
Вака дефинираните цели на истражување уште во фазата на апликација го поттикнаа интересот кај странските институции и истражувачи, при што две водечки високообразовни институции од САД – универзитетот Принстон, Њу Џерси и универзитетот Хамболд, Калифорнија изразија интерес активно да се вклучат во истражувањето, публикувањето и десиминацијата на резултатите од проектот.