Со потпишувањето на договорот помеѓу Институтот за старословенска култура – Прилеп, и Министерството за образование и наука, започнува реализацијата на научноистражувачкиот проект „Византиски монашки центри во РС Македонија: традиција и континуитет“.
Овој проект е дел од групата истражувања кои се од висок стратешки и национален интерес за нашата држава. Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на потпишувањето на договорите нагласи дека се инвестира во забрзан развој на науката, со буџет за 2025 година од 680 милиони денари, што е речиси двојно зголемување во споредба со претходната година.
Што опфаќа проектот?
Проектот „Византиски монашки центри во РС Македонија: традиција и континуитет“ е замислен како мултидисциплинарно истражување. Неговата главна цел е да ги проследи континутитетот на културните, уметничките и духовните манифестации во некои од најзначајните манастирски центри во Македонија. Истражувањето ќе се фокусира на континуитетот на човечкото присуство и културните процеси од античкиот период, преку ранохристијанството и средновековието, па сѐ до денес.
Во фокусот на истражувањето ќе бидат манастирските центри: Св. Пантелејмон / Св. Климент – Плаошник; Успение на Пресвета Богородица – Трескавец; Св. Никола – с. Манастир, Мариово; Св. Преображение – Зрзе; Св. Димитрија – Чебрен; Св. Богородица Елеуса – Вељуса и др.
Овие манастири се избрани поради нивната исклучителна важност како духовни, културни и уметнички жаришта. Истражувачкиот пристап ќе опфати повеќе аспекти, вклучувајќи археологија, историја на уметноста, историја на јазикот и етнологија, со што ќе се добие поцелосна слика за улогата на овие центри во цивилизациските процеси на пошироката територија на Балканот и Источниот Медитеран.
Значењето на овој проект веќе е препознаено и надвор од нашите граници. Две реномирани институции од САД – Универзитетот Принстон и Универзитетот Хамболд – изразија интерес активно да се вклучат во истражувањето, објавувањето и ширењето на резултатите.
Очекуваме овој проект да придонесе за продлабочување на сознанијата за нашето богато културно наследство и да го постави Институтот за старословенска култура на мапата на меѓународните научни истражувања.
Следете нè за повеќе информации за текот на проектот и неговите резултати!