Обичај „Дева“, Крушево
Категорија: Нематеријално културно наследство од особено значење, поткатегорија исклучително значење.
Статус: Не е донесено Решение
Година на изработка: 2017
Главен истражувач: д-р Владимир Караџоски
Соработници: Даница Јанакиевска
Опис на културното добро: Обичајот „Дева“ се изведува во чест на раѓањето на господ Исус Христос. Во предвечерјето на Бадник, на 5 јануари верниците од христијанската православна вероисповед, поточно оние од машки пол се собираат во парохиската црква Св. Богородица. По собирањето на верниците во храмот доаѓа свештеникот. Потоа сите заедно пристапуваат кон заедничка молитва. По завршувањето на молитвата и испејувањето на песната за Дева и раѓањето на Исус околу 18 часот, од собраните верници се формираат повеќе групи составени од помлади и повозрасни средновековни машки жители на градот.
После тоа верниците излегуваат од храмот и одат од врата до врата во секоја куќа низ градот и ја пеат песната поврзана со обичајот. На тој начин симболично го најавуваат Христовото рожденство. Групата со себе носи ѕвезда, и со песната која ја пеат на црковно-словенски јазик, а која е посветена на раѓањето на господ Исус Христос, одат од куќа во куќа во градот. Секоја група си има определен број на куќи кои треба да ги посети и затоа се формираат три групи онолку колку што има и број ѕвезди. При влегувањето во секоја куќа, групата ја пее песна во која се зборува за Девата и раѓањето на Исус во пештерата: Девојка денес го раѓа првичниот, и земјата на непристапниот пештера му принесува, Ангелите со пастирите слават, а мудреците со ѕвездата патуваат, зашто заради нас се роди дете Младенецот превечниот Бог.
Пред вратите на куќите ги дочекуваат домаќините, кои во знак на благодарност и помош за црквите даваат доброволен прилог на ѕвездоносецот. Како награда тие добиваат пари и пијалак. По обиколката на сите куќи, секоја група верници- благовесници околу полноќ се враќа во храмот Св.Богородица, каде собраните дарови и финансиски средства ги пребројуваат и забележуваат која ѕвезда колку собрала. Собраните финансиски средства се донираат за црквата.
Паралелно со трите црковни ѕвезди по куќите низ градот шетаат и деца, со свои ѕвезди, но само од машки пол, кои во знак на тоа добиваат по некој мал додаток за себе. Оваа вечер, во градот се гледаат многубројни црвени ѕвезди а воздухот го параат безбројните гласови на децата и возрасните, кои пеејќи ја песната делуваат како еден огромен хор под отвореното крушевско небо.