Пресвета Богородица, Сливнички манастир

Денешната црква на древниот Сливнички манастир била изградена во првите години на 17 век. Живописот во источниот дел на црквата настанал во 1606/7 година, по што за кратко време била живописана припратата (1611/12) и тремот (1613/14), за што нè информираат исцрпните ктиторски натписи во различните делови од храмот.

Во опширните натписи се споменуваат припадниците на монашкото братство, црковните намесници на манастирот, богатите донатори од Битола и околните села, но и мајсторот Навар под чие раководство, веројатно, била изградена црквата.

Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови во кои се влегува преку три порти, свртени кон селата Курбиново, Маловишта и Сливница, по коишто и ги нарекол народот. Ѕидната декорација на црквата ја сочинуваат бројни претстави на светители и сцени од животот на Христос и Богородица, како и илустрациите на две химни посветени на Богородица – „Акатистот“ и „О тебе радујетсја“.

Како особено значајно остварување во рамките на сликарството на црквата на Сливничкиот манастир се истакнува композицијата која ги прикажува седуммината словенски светители – светите Кирил и Методиј, придружени од нивните ученици св. Климент, св. Наум, св. Горазд, св. Сава и св. Ангелариј, а која е поставена на северниот ѕид од нартексот на црквата. Оваа сцена, којашто потекнува од 1612 година, се смета за најстарата позната илустрација на Седмочеслениците во ликовната уметност.

360 °