Св. Ѓорги, Курбиново
Курбиновската црква, посветена на светиот великомаченик Ѓорѓи, чија сликана декорација претставува еден од ретките репрезенти на уметничките текови од крајот на 12 век, се вбројува меѓу најзначајните споменици на византиската уметност.
Црквата Св. Ѓорѓи не се одликува со особено репрезентативни архитектонски решенија, како во вообличувањето на градбата така и во изведбата на фасадните површини. Се чини дека отсуството на репрезентативни градителски решенија била основната причина за нејзината квалификација како „мала еднокорабна градба“, иако со своите димензии таа се истакнува како една од најмонументалните објекти од овој тип на пошироката територија на Македонија.
Најстариот сочуван слој на фрескоживопис во храмот се датира од периодот на месец април во 1191 година. Сликаната програма на курбиновската црква, иако не изобилува со бројот на прикажани композиции и поединечни светителски фигури, сепак, се истакнува со инвентивноста на иконографските решенија.
Покрај осмислената содржина на живописот и теолошката ученост која е применета во вообличувањето на композициите и светителите, нејзиниот живопис се карактеризира со уникатните ликовни сфаќања на авторите. Сликарството во црквата Св. Ѓорѓи кај Курбиново ја претставува завршната етапа на ликовниот израз карактеристичен за уметноста од времето на Комнените.
Следејќи ја тенденцијата за графицизам, карактеристична за постарите дела од овој период, курбиновските мајстори го достигнале врвот во орнаменталноста на линеарните форми. Автохтоното духовно наследство на словенската средина коешто било прифатено и од византиските црковни и световни власти, е засведочено преку прикажувањето на портретите на св. Константин-Кирил, св. Методиј и на св. Климент Охридски.
Нивните ликови се претставени заедно со оние на св. Климент Римски и на св. Ахил Лариски. Св. Климент Римски е непосредно поврзан со воспоставувањето на култот на солунските рамноапостоли во рамките на соборната црква, а св. Ахил Лариски бил почитуван како заштитник на патријаршиската црква на царот Самуил кога престолнината му била во Преспа.
Портретите на св. Константин-Кирил, св. Методиј и на св. Климент Охридски во Курбиново од 1191 година, претставуваат вторите по старост сочувани нивни ликовни претстави, веднаш по фреските од катедралната црква Св. Софија во Охрид од околу 1045 година.

