Црква „Св. Климент Охридски“ (Мал Свети Климент), Охрид
Црквата Мал Св. Климент е единствената од охридските цркви која уште од своето основање ја носи посветата на патронот на градот, а веројатно поради своите скромни димензии од народот го добила епитетот Мал. Ктитор на градбата и живописот на овој храм е јерејот Стефан, имотен охридски свештеник, со чиј залог црквата била завршена во 1378 година. Тоа е време кога световен господар на градот бил жупанот Андреа Гропа.
Според народното предание, по рушењето на Светиклиментовата црква на Плаошник, моштите на светителот најпрво биле пренесени токму во црквата Мал Св. Климент, а дури подоцна за нивно почивалиште бил определен храмот на Богородица Перивлепта. Споменот останал жив во сеќавањето на народот, што сè уште го прави овој храм едно од омилените места за молитва на граѓаните на Охрид.
Фрескоживописот на црквата претставува репрезент на стилските и програмските решенија карактеристични за градското сликарство на јадрото на Охридската архиепископија. Според востановените стандарди на византиската уметност, стоечката фигура на св. Климент, како патрон на храмот, била насликана на јужниот ѕид на наосот непосредно до олтарната преграда.

