Црква „Св. Софија“, Охрид

Црквата Св. Софија од нејзината изградба во првата половина на 11 век, сѐ до конвертирањето во џамија кон крајот на 15-то столетие, била соборен храм на Охридската архиепископија. Најстариот живопис во храмот е насликан со ктиторскиот залог на архиепископот Лав, кој столувал од 1037 до 1056 година. Темелите на св. Софија во византискиот период се поставени врз остатоците на постара градба која, веројатно, потекнувала од времето на Св. Климент, исто како што духовните темели на Охридската архиепископија почиваат врз традициите и црковната организација создадена од св. Климент.

Во охридската катедрала се наоѓа најстарите сочувани портрети на св. Кирил и Методиј, кои биле насликани на јужниот ѕид во ѓакониконот на црквата. Уште во овие, први по старост, портрети на солунските просветители биле востановени основните принципи на нивната иконографија, кои ќе бидат почитувани и во натамошните претстави.

Како најзаслужен за ширењето на традицијата на светите Кирил и Методиј на почвата на Македонија е посочен нивниот ученик св. Климент, а свеста за ваквото значење на охридскиот светител е олицетворена преку неговата претстава која е вклучена во фрескоживописот на Св. Софија, несомнено, по желба на ктиторот Лав. Воедно, ова е и најстарата сочувана ликовна претстава на св. Климент.

Со сликарските активности во 14 век, св. Климент бил насликан уште еднаш, на катот на нартексот, околу 1345 година, но овој пат облечен во монашко расо.

360 °