Плаошник
Светиклиментовиот манастир лоциран на Плаошник е најсилната материјална манифестација на ликот и делото на св. Климент, која во првата деценија на 21 век беше ослободена од напластувањата на времето. Накалемувајќи ја манастирската црква врз темелите на разрушената ранохристијанска базилика, светителот започнал нова традиција во христијанското градителство и црковниот живот.
Манастирот на Плаошник бил избран од светителот, не само за негов најомилен дом туку и за негово вечно почивалиште. Преку образовната и книжевната дејност што се одвивала во него , тука бил втемелен центарот за просветителството на словенскиот свет.
Создавајќи ја својата школа којашто денес би имала ранг на универзитет, според авторот на неговото опширно житие, охридскиот архиепископ Теофилакт, „св. Климент ги хранел своите ученици со словото, кое е вистински леб и ги укрепува срцата“. Тој на народот му го укрепувал разумот и им ја поставил основата во верата и вистинската христијанска религија. Во житието уште се вели дека тогаш луѓето биле неуки, а св. Климент дошол меѓу нив како нов Павле меѓу новите Коринтјани.
По смртта на св. Климент, манастирот имал улога на најзначаен центар на Охридската книжевна школа и жариште каде бил почитуван и од каде бил распространуван неговиот светителски култ на просторот на Македонија, и пошироко на Балканот. Од 13 век, покрај неговото име се бележи и патронимската „информација“-Охридски. Охриѓани веруваат дека св. Климент е заштитник на нивниот град и на Охридската архиепископија.
Со неговото доаѓање во Кутмичевица и во Охрид била воспоставена традицијата на оваа духовна и книжевна школа, којашто во палеославистиката се смета како своевиден Светиклиментов универзитет.
Малата триконхална црква посветена на св. Пантелејмон била подигната непосредно пред 893 година, како ктиторски подвиг на св. Климент, со што е отворено поглавјето на средновековното црковно градителство на територијата на РС Македонија. Пред крајот на својот земен живот, светителот избрал последните денови да ги помине во манастирот на Плаошник, а по неговата смрт во 916 година, неговото тело да биде положено во гробот кој со сопствени раце го изградил на десната страна во предниот дел од пронаосот на црквата.
Светиклиментовата црква повеќепати била проширувана и обновувана, а својата заокружена форма ја добила кон средината на 14 век.
По воспоставувањето на османлиската власт во Македонија во 15 век, црквата била срушена, а врз нејзините остатоци била подигната џамија. Чудотворните мошти на светителот биле преместени во храмот посветен на Богородица Перивлепта, каде останале сè до возобновувањето на храмот на Плаошник, во 2002 година.
На почетокот на новиот милениум моштите на св. Климент се вратени на својата првобитна локација, во возобновената црква посветена на св. Пантелејмон и св. Климент.
Повторната изградба на Светиклиментовиот храм е само првата искра во возобновувањето на ова духовно и културно жариште каде се подигаат Музејот на Плаошник, Светиклиментовата библиотека, Галеријата на икони, Институтот за хуманистички науки, конаци и Богословскиот факултет.

