Пештерна црква Св. Архангел Михаил, Радожда
Пештерната црква посветена на архистратегот Михаил била создадена со адаптацијата на природна пештера во карпите кои го надвишуваат струшкото село Радожда.
Податоците за создавањето на храмот се изгубиле низ вековите, но несомнено е дека таа постоела пред крајот на 13 век, за што говорат остатоците од постариот живопис кој е датиран кон крајот на столетието.
Сликарството во црквата било обновено кон крајот на XIV век, кога во првата зона на западниот ѕид од нартексот бил насликан портретот на св. Климент Охридски, кој го придружуваат претставите на св. Герасим, св. Антониј и св. Никола Чудотворец.
Со вклучувањето на св. Климент во галеријата на најпочитуваните монаси и архијереи во православието, била истакната почитта која ја имале сликарите и донаторите на храмот кон охридскиот светител.

