
Истражувања на археолошкиот локалитет Дрма – Бадар, с. Бадар
Истражувањата на археолошкиот локалитет Дрма – Бадар, с. Бадар, во насока на реализација на истоимениот проект поддржан од Министерството за култура во рамките на Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес за 2020 година, продолжија како сондажни со фокус на сондите D5, E5,D6 и E6, со цел, ископување, дефинирање и расчистување на рушевинскиот слој во големата апсидална просторија која, најверојатно, била во функција на триклиниум. Се правеа ископи од 10 – 15 см додека не се појави рушевинскиот слој од таваницата составен од тегули и имбрекси, како и поголеми и помали фрагменти од малтер од ѕидното платно на ѕидовите означени со бр. 5 и 8 од внатрешната страна. Меѓу фрагментите малтер беа забележани помали фрагменти од потенок слој на малтер на коишто имаше траги од боја што упатува на фрескодекорација, со оглед дека истата беше потврдена во втората просторија од Објект ,1 во текот на претходната година.
Концентрацијата на градежна керамика, тегули и имбрекси беше особено голема во средишниот дел на сондата D5 и D6, а во сондите D5 и E5 беа евидентирани две линии на гареж коишто, најверојатно, биле од паднатите греди од кровната конструкција.
Откако рушевинскиот слој којшто зафаќа површина околу 150 м2 беше дефиниран, тој се фотографираше и документираше со изработка на фотограметрија. При дефинирањето на рушевинскиот слој во сондата E6 беше откриена монета in situ.
Со оглед на времетраењето на ископувањата, рушевинскиот слој беше само документиран и фотографиран, а неговото расчистување беше оставено за следната година, со оглед дека под него, како што се гледа во профилот кај прагот од втората просторија, има под од хидростатен малтер за кој постојат силни индиции дека е присутен на површината на целата просторија која, воедно, била и главна просторија во Објект 1, во функција на триклинум со апсидален ѕид на јужната страна.
Наоди:
Во текот на истражувањата беа откриени 14 монети од кои само една во рамките на објектот, односно во сонда E6, додека сите други беа откриени како површински наод во непосредната близина на објектот. Повеќето од монетите припаѓаат на периодот на IV век, како и монетите отркиени во претходните години.
Надвор од објектот беа откриени две клинчиња од ѓон на чизма (caligae), од кои едното беше бронзено, а другото железно. Во непосредна близина на објектот беше откриено ноже за утилитарна употреба, како и еден оловен тег.
Во поглед на хронологијата на објектот, врз основа на наодите на монети, би можел да се датира во IV век.
При рекогносцирање на теренот во непосредна близина на објектот беа откриени траги од градежна керамика, а на околу 100-на метри северно насип со остатоци од поголеми камења што упатува на постоење на одбранбен бедем.
Сето тоа упатува на фактот дека најверојатно се работи за поголема населба, а не за рустикална вила како што работно ја именувавме во претходните кампањи.