
Извештај за меѓународниот научен собир „Доцносредновековни градови во централните делови на Балканскиот Полуостров – генеза, развиток, структура“ 2019 година
Меѓународниот научен собир „Доцносредновековни градови во централните делови на Балканскиот Полуостров – генеза, развиток, структура“ во организација на ЈНУ Институт за старословенска култура Прилеп и Локална самоуправа Општина Прилеп се одржа на 3 и 4 октомври 2019 година во просториите на Општина Прилеп и хотелот Салида. Конференцијата беше отворена на 3.10 (четврток) во 12:00 часот во собраниската сала на Општина Прилеп, а на отворањето поздравни говори одржаа градоначалникот на Прилеп др. Илија Јованоски и директорот на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп д-р Бранислав Ристески. По свеченото отворање се продолжи со работниот дел од научниот собир. На конференцијата учествуваа 27 истакнати научни имиња од областа на: археологијата, историјата на уметноста, историјата и етнологијата, кои ги изложија своите истражувања поврзани со различни аспекти од егзистенцијата на средновековните градови на просторот на Балканскиот полуостров. Покрај истражувачите од земјата учество зедоа и повеќемина научници од Грција, Србија, Бугарија, Хрватска и Австралија чии излагања значаен придонес за проследување на процесите на урбанизација и особеностите на градските центри во пошироки географски рамки. Презентациите на трудовите беа распоредени во четири сесии, а после секоја од сесиите се разви плодна дискусија.
Гостите на конференијата беа сместени во хотелот Салида, а покрај работниот дел беше организирана и посета на средновековните цркви во Варош, тврдината Маркови Кули, како и на манастирот Зрзе, при што имаа можност да се запознаат со богатото културно наследство на Прилеп.