
Годишен извештај за археолошки ископувања на локалитетот Дрма-Бадар, с. Бадер 2019 година
Археолошкиот локалитет „Дрма Бадер“ се наоѓа во атарот на село Бадер, во југоисточниот дел на Скопската Котлина, во долното течение на реката Пчиња, на надморска височина од 240 метри и на одалеченост 30 км. од Скопје.
Локалитетот се наоѓа во рамки на Општина Петровец.
Локалитетот бил предмет на истражување, односно рекогносцирање и проспекција во периодот на 70-те години на дваесетиот век од страна на проф. д-р Иван Микулчиќ и проф. д-р Виктор Лилчиќ Адамс, кои врз основа на површинските траги од градежен материјал и контурите на ѕидовите изработиле планиметрија.
Археолошките истражувања на локалитетот за прв пат беа извршени во текот на 2014 година, по речиси 40-на години од моментот кога локалитетот за прв пат бил предмет на стручен интерес. Истражувањата продолжија во 2016 и 2017, 2018 и 2019 година.
Истражувања беа извршени врз основа на дозвола на Управата за заштита на културното наследство бр. бр. 08-665 од 19.09.2019 година.
Истите во 2019 година, продолжија како сондажни. Се работеше на доистражување во сондата 1, Сектор I, каде што беше откриена субструкцијата на под составена од ситен камен. Истовремено беа отстранети фрагментите од пигментиран малтер – фрески коишто имаа траги од линеарна декорација. При ископувањата беше евидентирана и документирана секоја појава, односно ситуација поединечно, во согласност со методологијата на истражување.
Во оваа археолошка кампања ископувањата беа насочен во северниот – северозападниот и јужниот и југоисточниот дел на Објект 1, на површина од околу 200 м² во насока на утврдување на габаритот на градбата.
Во северниот дел на градбата беше ископан ѕид во должина од 2м и беше откриена влезна партија. Веднаш на влезот се откри и еден столбец којшто најверојатно бил дел од порталот.
Во северниот дел од градбата беа откриени контурите на апсидата од главната просторија – триклиниум, а во југозападната страна во насока на утврдување на протегањето на градбата во овој правец се откри надворешен ѕид од објектот, којшто беше ископан во должина од 7м. Истиот продолжува во правец на југозапад и неговото целосно ископување беше оставено за следната година.
Меѓу наодите повторно најдоминантни се монетите. При истражување на подното ниво од просторија 2, во слојот на гареж беше откриена една монета, целосно изгорена, а при ископувањето на југозападнито ѕид од објектот беше откриена една фубула од луковичест тип. Останатите монети вкупно 18 на број беа откриени во непосредна близина на локалитетот како површински наоди и истите главно припаѓаат на периодот од средина на III до втора половина на IV век.



