
Годишен извештај за археолошки локалитет Врбјанска Чука 2019 година
Овогодишните истражувања се продолжување на започнатата кампања на Врбјанска Чука, а која има за цел мултидисциплинарно да ја истражи неолитската населба и подоцнежните етапи во антиката и средниот век. Поради тоа и оваа година истражувањата беа насочени кон детално регистрирање на фазите низ кои се развивала оваа населба и толкување на нејзиниот стопански и религиозен живот преку примената на повеќе науки. Затоа, во истражувањето се вклучени неколку соработници како што се Центарот за истражување на предисторијата, Институтот за старословенска култура, Завод и музеј – Прилеп, Музеј на Р. С. Македонија и Универзитетот во Базел, додека повеќе други универзитети од Европа се ангажирани во лабораториското проучување на примероците од органски остатоци, орудија, архитектура итн.
Оваа година се добија нови податоци за архитектонската комплексност на населбата при што се регистрираа повеќе фази на градење на стамбените и стопанските објекти и тоа во период меѓу 200 и 250 години. Материјална култура покажува непречен континуитет во производството на садови, фигурини и алатки, што го потврдуваат стабилниот развој на населбата и нејзиното население. За високите стопански и естетски обележја на заедницата говорат бројните објекти за чување и обработка на жито (амбари, сандаци и печки), како и извонредно изработените садови, човечки претстави и накит. Археоботаничките анализи ги надополнуваат сознанијата за почетоците на земјоделството во Пелагонија и ги збогатија податоците за постоењето повеќе видови на растенија.
Во рамки на истражувањето се вршеше ортофотограско документирање, 3Д моделирање на археолошките контексти и објекти, ласерско скенирање на сондата и детална стратиграфска анализа на артефактите. Во текот на ископувањето, во самата археолошка сонда, беше организиран соло концерт на пијанистката Дуња Иванова, на кого присуствуваа гости од локалните села и повеќе градови од Македонија. Истражувањето беше исто така пропратено со снимање на филм од страна на Хрватскиот аудио визуелен центар којшто ја вклучува работата на Врбјанска Чука. После завршувањето на ископувањата се направи и кратко промотивно видео за Врбјанска Чука кое е достапно на вебсајтот Youtube.
Сознанијата добиени од овогодишните истражувања ќе бидат презентирани на повеќе конференции и вклучени во неколку научни труда што ќе се објават во македонски и европски научни списанија и зборници.