
Археолошки истражувања на локалитетот Маркови кули – Градок, с.Манастир – Мариово
Проектот “Археолошки истражувања на локалитетот Маркови Кули-Градок, с.Манастир-Мариово” претставува најнепосредно продолжение на сеопфатните археолошки истражувања на овој локалитет во рамките на научноистражувачкиот проект «Културно-ликовно минато на Мариово”, кој го третираше интегрално развитокот на културата во регионот Мариово низ призмата на мултидисциплинарните археолошки, историско-уметнички, етнолшки, историски и лингвистички проучувања.
Со археолошките истражувања на локалитетот Маркови Кули-Градок, с.Манастир-Мариово, реализирани во периодот од 1989 до 1996 година, се констатираа материјални остатоци од предисторијата до крајот на XIV и првите децении на XV век, при што особено културно-цивилизациско значење за централните делови од Балканскиот Полуостров имаат материјалните остатоци од доцната антика и средниот век.
Така, со доцната антика се поврзуваат остатоците од пространа населба, лоцирана над вливот на Лисичка (Дуњска) во Црна Река, при што беа откриени сразмерно голем дел од градбите во рамките на двата структурални елементи на населбата: акропола позиционирана врз највисоките делови од ридот и оградено подградие распространето на јужните падини од возвишението.
Во рамките на акрополата беа откриени делови од две ранохристијански цркви, остатоци од две репрезентативни градби на платото помеѓу нив, потерна позиционирана во северозападниот дел од обѕидието и др. Од особено значење е што првата етапа од ранохристијанската црква со трикорабна диспозиција (хронолошки детерминирани воV и првите децении на VI век) се поврзува со најраните манифестации на христијанството во регионите на Мариово и Северна Пелагонија, синхрони со ранохристијанскиот комплекс на локалитетот Св. Преображение, Зрзе и комплексот локалитети во близина на селото Градешница.
Со ограденото подградие на античката населба се поврзуваат остатоците од бедемите, кулите и главниот влез во населбата, лоциран во југоисточниот сегмент од комплексот.
Во периодот од IX/X до крајот на XIV и почетокот на XV век, на просторот од доцноантичката акропола се оформува простран манастирски комплекс со двете ремоделирани ранохристијански цркви, при што оградните ѕидови на античката акропола се трансформирани во периметрални ѕидови на манастирот.
Проектот “Археолошки истражувања на локалитетот Маркови Кули-Градок, с.Манастир-Мариово”, кој е сегмент од Годишната програма на Министерството за култура на РСМакедонија, се реализираше во текот на октомври 2020 година, во организација на ЈНУ Институт за страрословенска култура-Прилеп.
Археолошките истражувања беа концентрирани во западниот сегмент од комплексот, при што се констатираа делови од репрезентативни градби поврзани со акрополот на античката населба и, врз нивните остатоци, изградените западни конаци на средновековниот манастир. Од особено значење при овогодишните истражувања се добиените културно-хронолошки податоци за првичното конституирање на објектите од овој дел на акрополот во раната антика, организацијата на средновековните конзаци/конаци?/ во овој сегмент од средновековниот манастирски комплекс, како и сознанијата за непосредните врски на овој сегмент од Регион Мариово со Регионот на Солун, потврдени со наоди од луксузна глазирана керамика поврзана со реномираните грнчарски работилници на Солун во времето од последните децении на XII до раниот XIV век.
Со овие податоци, во голема мера се заокружија сознанијата за планиметријата на античката населба и просторната организација на средновековниот манастир, лоцирани непосредно над еден од јазолните комуникациски пунктови во овој дел од Регионот Мариово.
Во рамките на овогодинешните истражувања на локалитетот „Градок“ ќе биде направено тридемензионално моделирање на акрополниот дел од населбата, простор на којшто е концентриран најголем дел од досега истражените градби, како и градби коишто останале сочувани на површината од населбата. Дополнително, со цел, проверка и потенцијално коригирање на планот од населбата ќе биде направено топографско снимање на видливиот дел од фортификацијата. Преку комбинирање на два методи, едниот за топографско, а другиот за визуелно снимање ќе се продуцира досега најпрецизен план на ниво на градбите, но и на ниво на целиот истражен локалитет. Со спојувањето на резултатите и од двете снимања ќе се продуцира досега најпрецизен тродимензионален модел за акрополниот дел од населбата. Целта е просторните односи во виртуелната средина да се конзистентни со реалноста. Со добиените податоци коишто ќе бидат геореференцирани според македонскиот координатен систем ќе се постави сигурна основа за прецизно лоцирање и просторно мапирање на сите следни истражувања. Врз тридимензионалниот модел ќе може да се вршат прецизни мерења од апсект на растојанија, површини, падови на терен и слично.