ИНСТИТУТ ЗА СТАРОСЛОВЕНСКА КУЛТУРА

Јавната научна установа Институт за старословенска култура – Прилеп е основана на 15 јули 1979 година (Одлука на Собранието на општата самоуправна заедница на научните дејности, Скопје, бр. 14-101/1), а својата работа ја започна 1.7.1980 година.
Со својата научноистражувачка дејност од областа на општествените и хуманистичките науки, Институтот, уште во самиот почеток, стана познат научен центар за мултидисциплинарно проучување на културната историја на македонскиот народ во контекст на целокупното словенско културно-историско милје. Во неговото досегашно постоење Институтот успеа да обезбеди репрезентативна систематизирана граѓа од истражувањата на планот на археологијата, историјата на уметност, историјата, лингвистиката, како и етнологијата.

Основна задача и цел за формирањето на оваа високонаучна институција беше поставување на основи за функционирање на неопходни проекти, а со тоа и градење на специјализирани кадри од повеќе научни подрачја, кои ќе ги прошират сознанијата за нашето културно-историско наследство, но истовремено и ќе ја афирмираат научната мисла на Македонија во европски и светски размери.

Од сето ова произлегуваат и конкретните активности во остварувањето на дејноста на Институтот за старословенска култура:

  • собирање, систематизација, научна обработка, презентација и публикација на севкупната граѓа за историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ;
  • организирање и изведување истражувања од областа на етногенезата на македонскиот народ, како и истражувања на фазите на развој на неговата култура;
  • организирање и изведување истражувања од областа на историските науки (средновековна историја, византологија и национална историја на средниот век); археологија (средновековна археологија и историја на археологијата); наука за јазикот – лингвистика (македонистика, славистика и ономастика); историја на уметност (средновековна византиска уметност, средновековна национална уметност и национална уметност од турскиот период); етнологија и етногенеза (етнологија на Македонија и фолклористика) и антропологија (културна и социјална антропологија);
  • следење на научните достигнувања во земјата и во странство од областите во кои врши научноистражувачка дејност;
  • организирање симпозиуми, научни собири, конференции, советувања и слично во земјата и во странство;
  • соработување со сродни установи во земјата и во странство.

Мултидисциплинарниот пристап во научноистражувачката работа, на некој начин, му дава на овој Институт нијанса на посебност и комплексност во заокружувањето и дефинирањето на поставените прашања или проблеми во истражувањата од соодветните области.

Во репрезентацијата на Институтот, посебно место имаат и публикациите:

  • Балканославика, светски познато списание со прилози од сите области од дејноста на Институтот, 1-32/33;
  • Споменици за средновековната и поновата историја на Македонија, том I-V, извонредни изданија од областа на историографијата, дипломатичко-документарната граѓа како и палеографијата;
  • Посебни изданија кои опфаќаат солидни статии од областа на средновековната археологија во Македонија, 1-5;
  • Македонски средновековни ракописи, едиција во континуитет, со монографски трудови од областа на македонското пишано книжевно наследство со јазично-палеографска анализа, 1-7.

Институтот е организатор и домаќин на значајни научни манифестации, какви што се:

  • VI-ти Интернационален конгрес за словенска археологија, одржан во Прилеп, септември 1990 г., и на кој учествуваа еминентни научни профили од цел свет;
  • Студиски ден во чест на св. Наум Охридски, одржан во Прилеп, јуни 1993 г., со пригодни реферати на научни работници од Институтот и Сруштвото за наука и уметност – Прилеп
  • Научен собир по повод смртта на кралот Марко, одржан во Прилеп, јуни 1995 г., со тематика од областа на лингвистиката, археологијата, фолклористиката, историјата на уметност;
  • Меѓународен научен симпозиум под наслов: 70 години од истражувањето на Јозеф Обрембски во Порече, во партнерство со Собранието на општината Самоков, одржан во Самоков, септември 2001 г.
  • Меѓународна конференција: Социокултурни аспекти на Евро интеграцијата, одржана во Прилеп, ноември 2008 г., во соработка со Институтот за социолошко-правни истражувања – Скопје и Здружение Мариовско-Мегленски средби
  • Меѓународен симпозиум: Балканот во цивилизацискиот концепт на Европа, ноември 2009 г,. во партнерство со Институтот за национална историја – Скопје.

Институтот за старословенска култура – Прилеп од 14 април 2006 година (Сл. весник бр.49/2006) управува со споменикот на природата ‘‘Маркови Кули‘‘ и особено се грижи за неговото чување и одржување, како од техничко-заштитен аспект, така и од културен, научен, воспитно-образовен и туристичко-рекреативен аспект.
Институтот е придружна членка на Универзитетот ‘‘Свети Климент Охридски‘‘ – Битола и има свои претставници во ректорската управа, сенатот и комисиите на Универзитетот.

Во тек е проширување на дејноста на Институтот за старословенска култура – Прилеп со вршење на високообразовна дејност од втор и трет циклус, преку организирање на постдипломски студии и здобивање со докторат на науки од областите на општествените и хуманистичките науки.

en_US
mk_MK en_US