
Археолошки истражувања на локалитетот Кале-Стрезов град, с.Челевец, Демир Капија
Во месец септември и октомври, ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп во соработка со Mузејската збирка при Домот на културата „Мирка Гинова“ – Демир Капија организираше систематски археолошки истражувања на локалитетот Кале-Стрезов Град, кај с. Челевец, Демир Капија. Археолошките истражувања на овој локалитет продолжија по едногодишна пауза. Во истражувањата, покрај вработени од двете институции, беа вклучени студенти по археологија на Филозофскиот факултет во Скопје.
При овогодинешните истражувања на локалитетот каде е убицирана средновековната тврдина Просек, се истражуваше во рамки на утврдувањето, при што е откриен и делумно истражен еден објект со две простории. Објектот е сочуван во должина од 13 m и ширина од 6,5 m. Овогодинешните наоди се сочинети од фрагментирана садова керамика и средновековни монети коишто го датираат објектот во првата половина на 13 век, период кога тврдината Просек била посебно активна.
Паралелно со ископувањето, студентите беа вклучени во работата на „Архео-антрополошката школа за млади професионалци Демир Капија 2020“, организирана од страна на Музејската збирка при Домот на културата „Мирка Гинова“ – Демир Капија, во соработка со ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп и со учество на д-р Фаница Вељановска, кустос -советник во Археолошкиот музеј. Во рамките на школата, студентите се запознаа со основите на физичката антропологија при што имаа шанса практично да работат на анализирање на скелетна серија, сочинета од 63 индивидуи, а којашто потекнува од некрополата на локалитетот Кале-Стрезов Град, с. Челевец.
Истражувањата и школата беа финансирани преку Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес во културата за 2020 година на Министерството за култура.